По повод одбележувањето на 14 април - Денот на Царинската управа, организираме неколку настани со кои ќе одбележиме 27 година самостојна и независна Царинска Управа на Република Северна Македонија.

9 април 2019 (вторник): 

Крводарителска акција на која учество ќе земат царински службеници од цела држава. 

По повод 14 април – Денот на Царинската управа на Република Северна Македонија,  традиционално организира Крводарителска акција под мотото „Вашата крв спасува живот – придружете ни се“ на територијата на целата држава.

Крводарителската акција ќе се одржи на 9 април 2019 година (вторник) во просториите на Царинската управа, со почеток во 9 часот (Аквариум сала). 

11 април 2019 (четврток): 

Со почеток од 12 часот, во Националната филхармонија ќе се одржи традиционалната Свечена церемонија. За време на свеченоста ќе се обратат Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Зоран Заев и директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски.

На свеченоста презентиран ќе биде новиот концепт на “Дигитална Царина” и Годишниот извештај за работата на Царинската управа во 2018 година. Изминатата година го завршивме проектот за имплементација на новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи и почнавме со негова пилот примена. Придобивките од овој систем ќе бидат прикажани преку промотивно видео, а исто така, ќе се прикаже и видео за начинот на спроведување на неколку царински постапки, кои се применуваат при увозот, извозот и транзитот на стоки во и од државата. На свечената церемонија доделени ќе бидат и плакети и пофалници,  на организации, поединци, царински службеници и организациони единици од Царинската управа, кои во 2018 година дадоа значаен придонес во напредокот на институцијата.

24 април 2019 (среда): 

ЈАВНА КАМПАЊА „СТОП ЗА ФАЛСИФИКУВАНИ ПРОИЗВОДИ“

Како дел од активностите организирани по повод одбележувањето на 14 април - Денот на Царинската управа, спроведуваме јавна кампања „Стоп за фалсификувани производи“. На 24 април 2019 година, во поголемите трговски центри во Скопје ќе биде поставен штанд на Царинската управа, каде граѓаните ќе имаат можност да се информираат за се што се презема во борбата против фалсификатите и за тоа како најлесно може да ги препознаат фалсификуваните производи. 

Царинска управа на Република Северна Македонија